Успехот е категорија која е релативно нова во човечката историја: едвај 100тина години почнувајќи од „американскиот сон“ па наваму, идејата на „бескрајни можности“ го поплави поголемиот дел од светот. Нашите претци не размислувале за тоа дали се успешни, ниту дали се среќни. Секој си го знаел своето место во средината, својот статус кој доаѓал со малку можности и многу ограничувања, и го прифаќал животот и својата судбина таква каква што била. За нив, животот бил тежок, но предвидлив. Денес имаме нешто кое не постоело во минатото: можности. Во последниот век од нашата историја, сè е возможно. Ние сме горди на оваа еволуција во која ја освоивме својата слобода и право на лични избори, да бидеме она што сакаме, да бидеме со кого сакаме, онаму каде што сакаме и да го добиеме она кое го сакаме.
Доколку погледнеме во многуте култури и цивилизации низ времето, успехот значел „да го прехранам семејството, да ми е семејството здраво и да ја зачувам честа и образот“. Денес успехот значи „да си ги овозможам сите задоволства, во 50тата да изгледам како Џенифер Лопез, моето 4 годишно дете да зборува 3 јазика и да тренира 2 спорта, да ја работам работата која ме исполнува, со мојот партнер/ка од соништата“. Колку се поголеми можностите, толку се поголеми очекувањата, од себе и од другите.
Нашиот успех или неуспех, го цениме ние, но и нашата средина во која градиме живот. Социјалната средина секогаш наметнувала одредена социјална контрола за нашиот личен живот, која тесно се граничи со едноставната човечка заинтересираност за нас. Дипломираше? Каде работиш? Платата добра е? Си се здебелила!! Ајде, време е. Кога ќе се венчате? Ајде, кога ќе нè поканите на мекици? Повеќето од нас ќе ја прогласат оваа љубопитност за обична невоспитаност во меѓучовечката комуникација, но социјалната контрола и притисок не застануваат тука. Во минатото социјалниот притисок доаѓал од црквата и традицијата, а денес доаѓа од социјалните мрежи, на кои се живее живот од бајките! Кога филтрите и одбирањето на најубавата од 100те слики ќе ја завршат својата работа, она кое го гледаме на социјалните мрежи е вистинска бајка: патувања, отмени домови, перфектни модни комбинации, професионални успеси, романтична љубовна приказна, совршени лица и тела кои не стареат и не се повеќе резервирани само за филмските ѕвезди, туку и за обичниот човек. Ништо помалку од најдоброто не е прифатливо, ниту од себе ниту од другите.
Ако е ова сликата за тоа што значи успех денеска, тогаш што значи да не се успее? За разлика од минатото, каде индивидуалноста не била уважена и ценета, денес таа е мошне важна и успехот е нешто лично. Но тоа значи дека и неуспехот е личен, и затоа се доживува како нешто загрозувачко и опасно. Неуспехот би бил поразителен по нашето чувство на лична вредност; оттука и зголемениот страв од неуспех за модерниот човек.
Што ако не успеам?, е едно од основните прашања во пандемијата на анксиозноста со која се соочуваме денеска. Што ако се посрамотам? Што ако не им се допаднам? Што ако не сум доволно добар? Што ако изберам погрешно? Што ако потфрлам? Денес, ние ја освоивме слободата да го избираме и креираме својот живот онака како што сакаме, и тоа ни носи возбуда, желба, надеж, но истовремено и висока непредвидливост, збунетост и потреба да се минимизираат ризиците. Денес (се чини дека) сè зависи од самите нас, а нашите очекувања се големи. Се плашиме од неуспехот бидејќи посакуваме малку поголема предвидливост и сигурност во нашите чекори, и стоиме предолго на плажата размислувајќи дали водата е премногу ладна за нас, и дали можеби онаа другата плажа е поубава и подобра…или пак таа до нејзе? Не смееме да се најдеме разочарани, повредени или да направиме грешка. Тоа не значи дека денес животот не ни приредува тешкотии, кризи или страдање; но тој аспект од животот постои осамено во сенките, бидејќи едноставно мораме да бидеме среќни и успешни. Освен доколку не го наречеме тоа траума – социјално поприфатливо е да бидеме истрауматизирани, отколку едноставно тажни. Човечките основни чувства кои се дел од животот, како тагата, разочараноста, болката се исто така едни од „симптомите“ на неуспехот, но тие не се видливи во социјалната интеракција, бидејќи не соодветствуваат на социјалното очекување за „живот од бајките“.
Како си? – Супер!, одговараме автоматски, бидејќи единствено тој одговор е безбеден и прифатлив. Нов вид на срам се појави во интерперсоналните односи: ако некогаш било срам доколку немаш работа, денес е срам да не си исполнет во работата, но и во сè друго. Овој срам не оттуѓува еден од друг; во тешките моменти бараме/добиваме малку поддршка од средината. Освојувањето на овие врвови и високи очекувања постана предизвик во кој сме оттуѓени еден од друг, бидејќи претставува вечно незадоволство и глад за која сме во постојана потрага по заситување.
Прашања за Вас и Ваша само-рефлексија:
- Кои се Вашите асоцијации за „успех“ и за „неуспех“?
- Колку се тие асоцијации слични/различни од пораките од Вашите родители со кои сте растеле?
- Кога последен пат доживеавте неуспех? На кој начин го прифативте тоа доживување?
- Дали наоѓате време да застанете за момент, да бидете благодарни за она кое го имате и уживате во истото?
- Дали умеете да ги балансирате и калибрирате своите очекувања?
- Во морето на желби, потреби и очекувања (од себе и од другите), дали знаете да ги препознаете неколкуте најважни, согласно Вашите животни вредности?
- Дали умеете да прифатите одговорност за грешка, без да се чувствувате како губитник?
- Кој е тука за Вас, кога сте тажни, лути, разочарани, повредени…? Дали си дозволувате да бидете свесни и да ги изразите овие чувства?