Меки вештини

Во училиште, го дискутиравме Достоевски и решававме интеграли. Но, никој не нè научи како најдобро да се сакаме себеси и зашто е тоа важно.
Ковид кризата го промени нашето секојдневие, па и секојдневието на децата. Многу нешта кои се важни компоненти од нивното образование, им се одземени: личниот контакт со наставникот/професор, големите одмори, споделувањата, шегите, поддршката, симпатиите, дружењето, гушкањето. Она кое не се промени, е нашето очекување од нив. Сеуште очекуваме ефикасност и успех од децата, не обрнувајќи внимание на промените кои им се случија кога најмногу е важно да инвестираме во оние квалитети кои ги нарекуваме „меки“.
Дали меките вештини се навистина меки?

Емпатија, одговорност, поддршка, разбирање, комуникација, (само)доверба, (само)почит, мотивација, прифаќање. 
Вештини кои се познати под називот „меки вештини“ и во нашиот вредносен, социјален и образовен систем се подредени под вештините како – успех, ефикасност, резултати, постигнувања, кои се сметаат за примарни.

Успехот е важен и посакуван. Притоа, еднакво е важен капацитетот на младиот човек да биде емпатичен и да го разбере блискиот, да се чувствува разбрано од другите, да биде љубезен, да ги почитува другите, да умее да слуша, да праша. Да умее да се сака и цени себеси во својата целовитост, не само поради своите постигнувања. Овие квалитети пред сè, ќе му овозможат најдобро да го примени и реализира својот успех.

Корпоративниот свет денес признава дека нема ништо меко во овие „меки вештини“, туку напротив, станува збор за есенцијални вештини кои го одредуваат и поддржуваат квалитетот на животот. Повеќе од било кога е важно да ги препознаеме и негуваме, бидејќи токму тие ќе создадат емоционално интелигентни, исполнети и успешни деца и млади.

Нема производи во кошничка