Емпатија, одговорност, поддршка, разбирање, комуникација, (само)доверба, (само)почит, мотивација, прифаќање.
Вештини кои се познати под називот „меки вештини“ и во нашиот вредносен, социјален и образовен систем се подредени под вештините како – успех, ефикасност, резултати, постигнувања, кои се сметаат за примарни.
Успехот е важен и посакуван. Притоа, еднакво е важен капацитетот на младиот човек да биде емпатичен и да го разбере блискиот, да се чувствува разбрано од другите, да биде љубезен, да ги почитува другите, да умее да слуша, да праша. Да умее да се сака и цени себеси во својата целовитост, не само поради своите постигнувања. Овие квалитети пред сè, ќе му овозможат најдобро да го примени и реализира својот успех.
Корпоративниот свет денес признава дека нема ништо меко во овие „меки вештини“, туку напротив, станува збор за есенцијални вештини кои го одредуваат и поддржуваат квалитетот на животот. Повеќе од било кога е важно да ги препознаеме и негуваме, бидејќи токму тие ќе создадат емоционално интелигентни, исполнети и успешни деца и млади.