Абортус. Не можеме да зборуваме за изгубено бебе. Абортусот е прерано прекината бременост која не успеала да се реализира до својата конечна цел: породување и раѓање на дете.
Наместо тоа, ќе зборуваме за загубена бременост, која носела во себе радост, замисли, очекувања, желби, копнеж за дете, дилеми или стравови. Не е малку, нели? Абортусот денес веќе не е табу: ние зборуваме за него отворено и искрено.
Во приказната за абортусот, како и во приказната за раѓањето, бремената жена има главна улога. Нејзиниот партнер исто така има значајно и важно место. Но, тука се и споредните улоги, кои не се помалку гласни: поширокиот семеен систем со своите пораки и очекувања, социјалните и религиски концепти, ставови, верувања и претстави. Абортусот е мошне чувствителна тема бидејќи во неа е имплицирана архетипската идеја за креација, односно идејата за животот и смртта. Во модерното време, ние за абортусот зборуваме и во контекст на личниот избор на самата жена, избор за нејзиното тело и живот.
Бременоста е поврзана со личниот мотив и личната одлука за родителство. Таа може да биде посакувана но неочекувана, посакувана и очекувана, и непосакувана и неочекувана. Со други зборови, таа може да се случи во три различни контексти:
1. Родителството е дефиниран животен избор, но бременоста која се случува во конкретниот животен период е неочекувана. Односно, има мотив за родителство, но нема одлука за бременост и родителство.
2. Родителството е дефиниран животен избор, и бременоста која се случува е очекувана и посакувана. Односно, има мотив за родителство, и има одлука за бременост и родителство.
3. Родителството не е дефиниран животен избор, и бременоста е неочекувана ниту посакувана. Во оваа ситуација, нема мотив ниту одлука за родителство.
Спонтаниот како и намерниот абортус, може да се случат во секоја од овие животни избори и ситуации. Медицинската интервенција завршува брзо, но психолошкиот внатрешен процес започнува од позитивниот тест за бременост и трае многу подолго после самата интервенција.
Во својата суштина, абортусот претставува загуба, и тоа доживување не зависи многу од тоа дали станува збор за спонтан или намерен абортус. Зависно од тоа на кој начин жената индивидуално ќе го доживее и ќе се поврзе со ова искуство, тоа ќе биде прифатена загуба или пак, траума.
На пример, жената која долго време се бори за бременост и за раѓање на здраво дете, многу поинтензивно ќе ја доживее оваа загуба, од жената која веќе има две деца и е навлезена во петтата деценија од животот и не планира проширување на семејството. Сепак, на едно примордијално несвесно ниво во женската душа, абортусот претставува загуба и за двете жени.
Спонтан абортус
Спонтаниот абортус при посакувана и очекувана бременост го носи најтешкото искуство. Имено, психолошкиот процес на жената која искусила спонтан абортус може да вклучи: од чувство на неуспех, голема тага, вина, срам, болка, до лутина, сомнежи и страв за иднината. „Што не е во ред со мене? Дали направив нешто погрешно? Дали некогаш ќе се остварам како мајка?“ Значајно е овие емоции да се препознаат, за да може психолошки да се одживее ова искуство, односно да се оджалува загубата.
Сите овие емоции се очекувани. Секоја жена е важно да има можност да ги изрази и да зборува за своите чувства во врска со абортусот за да може:
– да го прифати постоењето на бременоста,
– да ја прифати загубата на бременоста,
– да се поздрави и раздели во љубов со бременоста која покренала емоции на радост и среќа, мисли на надеж и мисли на дете, и која за кратко време го променила нејзиното тело и утроба,
– да ја пронајде повторно својата самодоверба и довербата во своето тело за да може да ја планира следната бременост, или пак да размислува со својот партнер за алтернативни начини на остварување на родителската улога, доколку родителството е нивен избор.
Препорачан прекин на бременоста
Во текот на бременоста, објавувањето на одреден проблем со плодот или пак препорака од медицинските лица за прекин на бременоста покренува различни реакции кај родителите за кои оваа бременост е посакувана, а можеби и очекувана. Оваа ситуација секогаш бара отворање на психолошки простор за родителите на кои им е потребно време за себе во кое ќе го освестат тоа што психолошки го доживуваат. Преплавени со тага, страв и дилеми, пред нив стои донесување на значајна и понекогаш тешка одлука. Во оваа ситуација, добро е да се побара стручна поддршка.
Намерен/планиран абортус
Денес во повеќето земји во светот, намерниот абортус на бременоста е легитимен избор. Жената знае и прифаќа дека има право на избор за своето тело и својот живот, и тоа право слободно го користи.
Намерниот абортус ја содржи во себе свесната одлука за прекинување на бременоста. Оваа загуба е поразлична од другите две бидејќи вклучува наша одговорност во истата, односно свесен избор и свесна одлука за прекин на (здрава) бременост. Личните причини најчесто се врзуваат за:
-возраста на жената (на пример, бременост во адолесценција, или подоцнежна бременост),
-социоекономскиот животен аспект (на пример, бременост во сиромаштија или во ситуација на невработеност),
– семеен и партнерски контекст (на пример, бременост во ситуација на развод, семејна криза, насилство, или бременост во ситуација без стабилна партнерска релација),
-како и актуелниот личен животен контекст на жената.
Овие причини се вткаени во приказната за бременост која не е очекувана ниту посакувана, како и во приказната за бременост која е посакувана, но е неочекувана во актуелниот животен контекст на бремената жена.
Свесната одлука за намерен прекин на бременоста подразбира самосвесност, себеспознание и одговорност, како и доживување дека жената сепак е сопственик и управител на својот живот и иднина. Во таа смисла, актот на намерен прекин на бременоста донесува одредено чувство на олеснување.
Притоа, одредени истражувања откриваат дека жените кои избрале да абортираат, често ги кријат или потиснуваат своите различни чувства поврзани со нивната лична одлука за прекин на бременоста. Со други зборови, често пати таа не си дозволува себеси да биде тажна кога реално чувствува тага, бидејќи самата свесно избрала да ја прекине бременоста. Се забележува очекување од себеси дека доколку нешто одлучиме, немаме право на своите емоции на ранливост, тага, жалост, понекогаш и вина. Но, нашите искуства ретко се во црно-бела боја; често тие доаѓаат во различни нијанси. Емоциите кои се потиснати, непрепознаени и за кои не си даваме дозвола да ги чувствуваме и одживееме, веројатно е да се изразат подоцна низ психолошки или психосоматски состојби. Тоа што е важно е да си дозволиме истата приказна на искуството на намерен абортус да ја раскажеме и слушнеме и на двата нејзини јазици – јазикот на умот и јазикот на срцето.
***
Важно е да се запомни: Абортусот секогаш преставува специфично искуство на загуба за жената, како и за нејзиниот партнер. Интензитетот и наративот на психолошкото искуство ќе зависи од околностите и индивидуалните карактеристики, но тој треба да биде препознаен како дел од драмата која иако не ја посакуваме, може да се случи на патот кон мајчинството или на патот кон својата планирана иднина. Токму затоа оваа тема заслужува наше внимание. Ако сте искусиле абортус, зборувајте за тоа и побарајте стручна психолошка помош доколку Ви е потребна.