Губење на нашите идентитети За многумина, раѓањето на ново бебе често носи многу радост, но исто така и еден вид на криза на идентитетот која може да делува збунувачки и да не успеваме да ја разбереме. Сме живееле 20, 30, 40 години; сето тоа време насочени кон развојот и зацврснувањето на нашите идентитети како индивидуи и како парови. И тогаш доаѓа породувањето и запознавањето бебето – нешто што може радикално да го измени нашето доживување на сопствениот идентитет: ’’Дали ова мало бебенце е навистина мое? Од каде дојде овде? Што сега јас да правам?’’ Оваа промена не е ниту позитивна ниту негативна – таа е дел од нашиот живот, впрочем движењето и менувањето е единствената константа во нашиот живот.
Она што ја прави поразлична е тоа што оваа промена е голема, значајна и ги допира сите аспекти на нашето себедоживување. Со цел лесно и успешно го надминеме овој преоден период, како и многу други нешта во животот, мораме да го уважиме она што тој го преставува.
Кои сме ние сега? Еден ден не бев мајка/татко, и потоа следниот ден сум мајка/татко. Еден ден бев девојка којa се буди со помислата за состанокот кој следи, која два часа се подготвува за вечерно излегување; бев маж кој се буди со помислата за следниот работен предизвик и за омилениот фудбалски натпревар кој со нетрпение го очекува попладнето. Денес сум мајка која додека се тушира во цели две минути прашувајќи се дали бебето плаче, сум татко кој се буди со помислата за пелените и капките кои треба да ги купи тоа утро. Оваа драматична промена во сопствената реалност влијае како на индивидуално ниво, така и на релациско ниво во односот со партнерот. Еден ден бевме јас и ти, и тогаш следниот ден веќе сме тројца! Која драматична промена!
Оджалување на загубите од родителствувањето Дел од прифаќањето на нашите нови идентитети како родители, е оджалување на загубата на животите кои сме ги имале пред бебето. Да не се залажуваме, станувајќи родител губиме цел еден претходен живот. Некои нешта ги губиме привремено, некои трајно: – Губиток на досегашниот идентитет – Губиток на слободното време – Губиток на сликата за своето тело (кај мајките) – Нов начин на комуникација со партнерот кој се креира, може истовремено да се доживее како губиток на стариот – Губиток на време за себе и за партнерот, за релацијата и начинот на функционирање кој сме го имале дотогаш – Губиток на дотогашниот животен стил, интереси, цели, навики, ставови, верувања ….
Оджалувањето на одредени загуби, не значи дека го сакаме помалку своето дете, или дека не сакаме да бидеме родител. Најчесто се случува да забележиме дека еден дел од нас го сака своето дете неизмерно многу, а друг дел од нас има потреба од својот живот пред бебето. Родителствувањето е исполнето со многу радости, но исто така е исполнето и со многу нови одговорности, предизвици и загуби. Многу парови се доживуваат загрозено по раѓањето на детето. Ова се случува бидејќи постои недостиг на вистинско уважување на загубите и неуспех да се прифатат новите реалности. Пријателите и семејството постојано велат, ’’колку сте среќни’’, или ’’колку благодарни треба да бидете’’ за такво убаво бебе, но понекогаш, тоа не е воопшто како вие се чувствувате – и тоа е ВО РЕД!
Колку сме поискрени еден со друг и со себеси за сите промени кои нашите мали и мили ни ги донеле во животот, толку повеќе имаме можност да развиваме самосвесност за себеси и за начинот на кој се развиваме во родителската улога. Ова се неколку прашања кои може да посакате да си ги поставите себеси или својот партнер: – Што ти беше најтешко во промената на себедоживувањето? Што најмногу ти се допадна? – Што успеа да прифатиш во врска со постанувањето родител? За што тагуваш откако постана родител? – Како бебето ја промени твојата релација со твојот партнер? Не заборавајте: секоја загуба носи нова добивка! Родителствувањето отвора нова врата за цел еден нов живот, на индивидуално ниво и на релациско ниво. Нови и дотогаш непознати доживувања, емоции, мисли; нови улоги, нови навики, нов начин на комуникација …. и нова драгоцена личност во својот живот!