- Како се нашите партнерски релации сега и овде?
- Со кои и какви динамики во релациите се соочуваме?
- Кои се нашите очекувања и предизвици во релациите?
Овие прашања беа мотив за да спроведеме неформално истражување за нашите партнерски релации, кое се реализираше во самото средиште на ковид пандемијата во Македонија, но прашањата го надминуваат овој контекст. Повеќе од било кога, важно е да погледнеме во сите наши релации, бидејќи квалитетот на нашите релации е столбот на кој ќе се потпреме за да ја надминеме оваа колективна криза. Ова истражување ни овозможува поглед во партнерските приказни кои во овој момент постојат околу нас, и ни нуди можност во одредени моменти да ја препознаеме нашата сопствена партнерска приказна.
Во истражувањето зедоа учество 172 учесници, од кои 15% од машки пол и 85% женски пол, на возраст од 16 до 56+ години.
Од нив, 42% од учесниците припаѓаат во возрасната група од 26-35 години, а 31% во возрасната група од 36-45 години. Тоа значи дека значаен процент, односно 73% од учесниците припаѓаат во:
– Животна фаза на млада возрасна и независна индивидуа, која е во посветена партнерска релација или истата ја планира, односно во
-Семејна фаза на млад брачен пар, или семејство со мало дете/адолесцент.
Истражувањето го спроведоа Ивана Станковска и Анета Начевска, психолози.
1. „Кажи ми како си бил/а сакан/а, и ќе ти кажам како сакаш“
1.1. Нашите семејства се првото место на кое учиме за љубовта. На тоа место учиме за блискост, грижа, доверба, сигурност, давање, примање, прашување, споделување, практично за сите важни компоненти од релациските односи. Кога излегуваме од своето детство, понесуваме со нас одредени вредности, пораки и обрасци, во сите следни важни релации кои ги градиме.
Семејните системи почиваат на две оски: структура (хиерархија и флексибилност) и кохезија (блискост/дистанца).
Во однос на ова прашање, нашите испитаници доаѓаат скоро еднакво од традиционални и од либерални семејства, во однос на нивната структура. Притоа, 62% од нив доаѓаат од семејства со емоционална отвореност и блискост, додека 38% од нив доаѓаат од семејства со емоционална воздржаност и крутост.
1.2. Секој од нас е растен и воспитуван во одреден семеен, културен и социјален контекст. Овие специфични контексти ги креираат наративите кои ги понесуваме со себе во однос на тоа како им пристапуваме на другите луѓе и што очекуваме од нив. Дали релациите во нашиот живот ќе бидат важни односно централни или споредни, односно секундарни?
Првото сценарио во кое релациите се централни, нè учи на лојалност, соработка, доверба и идејата дека е важно да можеме да се потпреме и да сметаме на другите луѓе во нашиот живот, како и тие на нас.
Второто сценарио во кое релациите се секундарни, нè учи на автономија, независност и пораката гласи дека е важно да бидеме свои, да можеме да се потпреме на себеси и своите снаги.
Од своето детство и воспитување, 65% од испитаниците ја понеле со себе потребата за независност, додека 35% од испитаниците се изјасниле дека ја понеле потребата на лојалност.
Заклучок: Резултатите ни посочуваат дека оние испитаници кои повеќе ја препознаваат кај себе вредноста и потребата за лојалност, претежно доаѓаат од либерални семејства во кои постоел простор за изразување емоции, отвореност и блискост.
Додека пак, оние испитаници кои ја носат со себе вредноста на независноста, во поголем процент доаѓаат од традиционални семејства во кои владеела емоционална воздржаност.
1.3. Нашите семејни и животни искуства се испреплетени со дуалности, и секогаш еден аспект од таа дуалност е посилен и поизразен. Некои луѓе ќе имаат позначајна потреба од простор за себе, одвоеност и индивидуалност, а некои позначајна потреба за другиот, за заштита и заедништво. Во модерните посветени релации, тоа значи дека некој ќе биде повеќе свесен за својот страв од загуба на себеси, а некој ќе биде повеќе свесен за својот страв од загуба на партнерот.
Над 60% од испитаниците го одбраа стравот дека ќе се загубат себеси во партнерската релација, како дилема која ја носат со себе во своите партнерски релации.
Заклучок: Стравот од загуба на себеси е повисок кај оние испитаници кои пораснале во семејства со емоционална отвореност и топлина, додека стравот од загуба на партнерот е процентуално повисок кај оние кои пораснале во семејства со емоционално воздржани односи.
Стравот од загуба на партнерот е исто така процентуално повисок кај оние кои ја имаат потребата за лојалност, односно потребата да можат да сметаат на другите луѓе во својот живот.
2. Кои се нашите очекувања?
Кога ќе сретнеме некого и ќе посакаме заедно да создадеме љубовна релација, секој од нас влегува во истата со својата уникатна животна приказна, која содржи очекувања, предвидувања, стравови и надежи, лузни и снаги.
Емоционалниот багаж е научен, но тој постанува наша втора природа. Со други зборови, нашите релациски аспирации се засновани на она кое сме го искусиле, она кое не сме го искусиле но би сакале да го искусиме, она кое сакаме да го поправиме, и она кое што сакаме да го повториме.
Дали постои поврзаност помеѓу она кое бараме да го најдеме во партнерството во неговиот почеток, со она кое најмногу би нè повредило во текот на партнерскиот живот?
Најголем дел од испитаниците или 45% се изјасниле дека на почетокот од партнерската релација која им е важна/била важна, најмногу барале да најдат разбирање и прифаќање, додека 26% од испитаниците на почетокот најмногу ја барале страста и возбудата.
Скоро 45% од испитаниците се изјасниле дека најмногу (би) ги погодила рамнодушноста или емоционалната дистанца. Неверството е (би бил) следен најголем проблем кај 20% од испитаницитe.
Притоа, следните информации кои ни ги даваат испитаниците се впечатливи:
Оние кои на почетокот од важната партнерска релација барале да најдат страст и возбуда или пак интелектуален предизвик, најмногу (би) ги повредило неверството.
„Ти си некој кој е предизвик за мене, ја сакам возбудата која ја чувствувам кон тебе и сакам да бидам оној кој ќе те освои, односно да бидам посебен (посебна) за тебе. Она кое би ме повредило е да ме изневериш, односно да постои некој друг за тебе.“
Оние кои својата важна партнерска релација ја започнале со потреба за разбирање и прифаќање, најмногу (би) ги повредило непочитувањето.
„Она кое најмногу ми треба е да ме разбереш и прифатиш. Во таа смисла, најмногу би ме повредило доколку во некој момент не ме почитуваш.“
Кога другарството и блискоста е она кое се бара да се најде во релацијата, најмногу (би) повредила негрижата од партнерот/ката.
„Со тебе се чувствувам свој/а, близок/ска и поврзан/а, и тоа за мене креира атмосфера на припадност и сигурност. Најмногу би ме повредило доколку почувствувам дека не се грижиш за мене и тоа што мене ми е важно.“
3. Што е она кое сакате да го доживеете во сексуалноста?
Љубовта и страста се две есенцијални состојки на партнерската релација: тие некогаш се доближуваат една до друга, а некогаш се оддалечуваат една од друга. Тоа е така бидејќи:
- Љубовта подразбира блискост, доверба, сигурност, предвидливост, познатост.
- Страста или посакувањето, подразбира одредена дистанца која го буди копнежот, имагинацијата, љубопитноста, желбата, изненадувањето.
На прашањето за доживувањето на љубовта, нашите испитаници ја пронајдоа подеднакво во: радоста и топлината, довербата и почитта, грижата и поддршката, приврзаноста и припадноста.
На прашањето за посакувањето, 64% од испитаниците рекоа дека кога помислуваат на посакување, всушност мислат на доживувањето на возбуда и привлечност.
Ја истражувавме корелацијата помеѓу сексуалноста и животна/партнерска страст.
На прашањето за сексуалноста и што е она кое сакаат да го доживеат во сексуалноста, 42% од испитаниците се изјасниле дека е тоа доживувањето на поврзаност и блискост со партнерот или партнерката.
Кога страста или посакувањето на другиот се доживува како возбуда и како желба да се освои/да се биде освоен, овие испитаници во сексуалната сфера бараат да доживеат интензитет и моќ, но и нежност.
Кога страста или посакувањето на другиот се доживува како состојба во која будно фантазираме за него/неа, овие испитаници во сексуалноста сакаат да искусат препуштање и поврзаност.
Заклучок: Резултатите нè водат кон впечатокот дека во сексуалноста бараме да ја искусиме и да ја задоволиме спротивната потреба, од онаа која повеќе доминира кај нас во целокупното живеење и партнерско функционирање.
Имено, оние испитаници кои се независни и автономни во својата потреба да се потпираат повеќе на себеси во животот; во сексуалноста сакаат да почувствуваат блискост и поврзаност, и сакаат да можат да се препуштат на партнерот. Додека пак, оние испитаници кои имаат поизразена потреба да бидат лојални и да можат да сметаат на другите луѓе во својот живот; во сексуалноста сакаат да искусат неврзаност и слобода, интензитет и моќ.
4. Како им пристапувате на проблемите/конфликтите?
Проблемите или конфликтите се непосакуван но присутен дел од сите важни и квалитетни посветени релации. Она што е важно, е начинот или вештините за нивното решавање и надминување.
Проблемите се често пати ситуации кои опстојуваат подолго време во партнерската релација, што значи дека пристапот кон проблемот во партнерските разговори може во тоа време да се промени повеќе пати. Конфликтите се често пати кулминација на одредена партнерска комуникација до кои се доаѓа постепено, но и неочекувано. Се разбира, содржината на конфликтната комуникација може да биде иста или различна со текот на времето, но формата, пристапот кој го имаат двајцата партнери кои ја креираат конфликтната конверзација да биде сличен.
33% од испитаниците одговориле дека нивниот начин на решавање проблеми е во изнаоѓањето креативно, заедничко и ново решение, и уште 33% одговориле дека бараат компромис. Се разбира дека овие одговори веднаш ги препознаваме и како социјално најпосакувани, но можеме да заклучиме дека нашите испитаници ја препознаваат вештината за наоѓање креативно, заедничко и ново решение како одлика на квалитетните релации. Сепак, неретко се случува пред да се изберат овие конструктивни пристапи, нашите првични реакции во конфликтна ситуација да бидат: да се прилагодиме, да се повлечеме (избегнеме) или да се натпреваруваме.
Со оглед на тоа што во ситуација на конфликт/проблем секогаш постои одредено доживување на повреда, сè заинтересиравме:
На кој начин корелира нашиот стил на разрешување на проблемите/конфликтите, и она кое сметаме дека би ни претставувало најголем проблем во важната партнерска релација?
Рамнодушноста е онаа која најмногу би ги повредила сите учесници во нивната важна партнерска релација. Рамнодушноста со други зборови претставува доживување дека на нашиот партнер не му/и’ е грижа за нас, дека нема емоции за нас, дека му/и’ е сеедно.
Покрај рамнодушноста, оние кои имаат тенденција да се прилагодуваат во конфликтната ситуација за да ја смират, најмногу би ги погодило да бидат изневерени или да бидат непочитувани од партнерот/ката.
„Ќе дадам сè од себе за да се прилагодам на тебе и за да се смири оваа наша проблем-ситуација. Она што ми е важно, е да бидам единствен/а за тебе. Да ме почитуваш.“
Испитаниците кои се изјасниле дека нивната тенденција е да се натпреваруваат во конфликт, најмногу би ги повредило неверство и негрижа.
„Се разлутувам кога имаме конфликт . Истовремено, она кое ми е важно е да бидам единствен/а за тебе. Да се грижиш за мене и за она кое ми е мене важно“.
Оние кои се подготвени да бараат нови и креативни решенија на проблемот, најмногу би ги повредило непочитувањето.
„Спремен/а сум креативно и на нов начин да го решиме проблемот. Тоа значи дека ми е важно да ме почитуваш“.
Прилагодувањето, натпреварот, избегнувањето/повлекувањето е најмногу застапено кај оние кај кои доминантен е стравот од загуба на партнерот.
Компромисот и спремноста за барање нови и креативни решенија на проблемот, се најмногу застапени кај оние кај кои доминантен е стравот од загуба на себеси.
Заклучок: Колку повеќе сме спремни да се потпреме на себеси, толку поголема е подготвеноста за конструктивен пристап кон партнерскиот конфликт или криза.
5. Неверство
Скоро половината или 45% од испитаниците се изјасниле дека некогаш изневериле. Притоа, неверството високо рангира како одговор на прашањето: Што е она кое најмногу би Ве повредило во партнерската релација?
Тоа е парадоксална животна ситуација, во која она кое сме го направиле, е истото кое најмногу би нè повредило кога би биле од другата страна.
Неверството креира две спротивни доживувања во една партнерска релација: Еден партнер кој е повреден, и друг кој често пати чувствува вина за болката која ја предизвикал кај својот парнер, но истовремено и одредено задоволство од она кое го направил за себе.
Неверството може да се случи во различни форми, и денес е тешко да го дефинираме, односно го дефинираме индивидуално. Што е неверство: секс за една ноќ, бакнеж, лајкови, chat-комуникација, континуирана паралелна релација со друг/а, флерт, вљубеност без физички контакт, фантазирање за некој друг/а….?
Она кое е заедничко за сите овие ситуации, е тајноста. Неверството е тајна релација, во која се влегува исклучиво заради себе. Во многуте нешта во животот кои ги правиме за другиот/другите луѓе, неверството е нешто кое се прави само за себе. Што е она кое луѓето го добиваат, односно бараат за себе во тие тајни релации?
Без намера да го оправдуваме или да го осудуваме, го ставивме неверството во перспектива и го истражувавме во контекст на Вашите релации, со цел да можеме подобро да го разбереме.
Најголем процент, или 37% од оние кои изневериле, се изјасниле дека се почувствувале посакувани и привлечни. Понатаму, 32% од оние кои изневериле, во таа тајна релација се почувствувале безгрижни, слободни и неоптоварени од секојдневните обврски; 15 % се почувствувале значајни и важни во контактот со третата личност, и исто толку 15 % всушност се вљубиле.
Процентот на оние кои изневериле е идентичен и кај испитаниците кои се изјасниле дека кај нив доминира страв од загубата на себеси во партнерската релација, и кај оние кои се изјасниле дека кај себе повеќе го препознаваат стравот од загуба на партнерот. Значи, без разлика која од овие дилеми доминира во нас, таа не го одредува неверството.
Процентот на оние кои изневериле е повисок кај испитаниците кои имаат поголема потреба за независност и автономија, односно потреба претежно да се потпираат на себеси и своите снаги. Притоа, во значаен процент тие изневериле бидејќи се почувствувале посакувани, важни, и бидејќи се вљубиле.
Кај оние кои изневериле бидејќи во таа тајна релација се почувствувале безгрижни, слободни и неоптоварени, еднаков е процентот на испитаници кои имаат генерална потреба за независност и за лојалност. Тоа би значело дека дури и оние кои имаат потреба и вредност да се лојални, можат да се најдат во ситуација во одредена тајна релација да го побараат за себе доживувањето на безгрижност, неоптовареност и слобода.
***
Од учесниците во истражувањето кои се изјаснија дека актуелно се во партнерска релација, заклучно со летото 2020, 80% од нив одговорија дека кризата им помогнала да ја зајакнат партнерската релација.
Ова истражување беше вистинско задоволство за нас! Резултатите отвораат нови прашања, нови предизвици, кои ќе ги насочиме кон нови истражувања за нашите партнерски животи.
Автор на текст: Ивана Станковска