Депресијата ја погодува индивидуата, но таа делува и на партнерот/ката и вешто се вовлекува во партнерскиот и семеен живот.
Што значи депресијата на индивидуално ниво? Депресивната слика се појавува во широк распон помеѓу благо намалено расположение и волја кај здрави луѓе и афективното ментално растројство на мајор депресија со психотични или суицидни идеи. Во тој распон, таа се појавува со различен интензитет, времетраење, симптоматологија и етиологија.
Базичното депресивно расположение се манифестира со:
-намалено расположение
-намалена самодоверба и доверба во животот/иднината
-намалена волја, мотивација и интереси
-чувство на замор и намалена концентрација
-зголемено чувство на тага и немоќ.
Ние чекориме низ нашиот живот, сè додека не сретнеме препрека со која не умееме да се справиме со оние знаења и капацитети кои во тој момент ги поседуваме. Препреката може да доаѓа однадвор или однатре; може да биде јасна и конкретна или пак нејасна и невидлива. Депресијата е процес во кој психолошката енергија која обично ни е достапна за будниот, активен и свесен живот, постанува блокирана, потисната и заробена во длабочините на несвесното. За својата депресија луѓето можат да бидет свесни, можат да ја манифестираат, а можат и да ја маскираат во своето однесување. Само помислете на легендарниот комичар Робин Вилијамс….кој би помислил дека тој страда од депресија?
Што ја причинува депресијата?
Во психоаналитичкиот контекст, примарниот извор на депресијата е неразрешена, потисната или заборавена болка, траума, криза, конфликт или загуба. Потиснување на сопствените квалитети, вредности, вистини. Нелојалност кон себеси. Сиромашната исхрана, сезонските промени, недостигот на сонце, како и бездушните, стерилни животни средини, губитокот на вредности и имагинација, токсичните или празни релации со другите, здодевната рутина. Недостиг на животна смисла, животен правец е едно од суштинските причинители на депресијата, бидејќи претставува губиток на контакт со себеси. Животната енергија тогаш потонува во длабочините на несвесното каде има задача да се бави со потиснатите рани и неразрешеното страдање. Притоа, понекогаш целта на депресијата е да ја поврати потребната мудрост, креативни решенија и сопствена вистина од несвесното.
Многу депресивни луѓе ќе се повлечат во самотија, ќе се повлечат од социјалниот живот, и воопшто ќе престанат да уживаат во секојдневните ситници и интереси „кои живот значат“. Наместо тоа, тие поминуваат часови оптеретени со депресивни мисли и доживувања. Депресијата ја буди потребата за самотија и прекинување на контакт со надворешниот свет.
Доколку сте во депресивно расположение и смогнете сили да сторите нешто за да си помогнете, имајте ги предвид следните нешта:
1. Што не можам да препознаам и прифатам?
Најзначајно нешто кај депресијата е да се препознае и прифати она што е наше автентично, а непрепознаено, неприфатено, потиснато или отфрлено. Ова може да се однесува на минати трауми, страдања и загуби, или пак на самото себеприфаќање и почит за сопствената природа, вистина, единственост. Најчесто проблемите настануваат кога го отфрламе она што вистински сме, а ние тоа често го правиме низ животот и растењето, социјализацијата, прилагодувањето.
2.Изгубена виталност
Основен аспект на депресивното доживување е намалената животна енергија во будниот, активен живот. Енергијата се повлекува во несвесното каде што таа бара да се разрешат конфликтите, или бара да се добие нов увид, ново поведение. Често, луѓето имаат искуства кои „ги затвораат“ и може да се најдат себеси во момент во својот живот каде што тој ја губи својата смисла, и во таков момент е тешко да се изнајде надеж. Враќањето на надежта, пронаоѓањето на малите „трошки“ нова надеж е од големо значење, бидејќи тие ќе донесат нова смисла, а смислата ја придвижува животната енергија.
Животната енергија може малку да се зголеми или пробуди со тоа што личноста ќе оствари контакт со природата (која е полна живот) и ќе го доживее сегашниот миг преку своите сетила: со тоа што ќе го слушне црцорот на птиците, ќе го забележи вкусот на својата омилена храна, ќе засади цвеќиња, ќе заплива во езеро, ќе го забележи мирисот на дождот.
***
Овие препораки се некогаш залудни: кога депресијата е биолошки детерминирана или тешка, потребна е медикаментозна терапија бидејќи личноста нема сила да стори било што за себе. Сепак, можат да бидат корисни во ситуации на блага или умерено јака депресивна состојба.
Депресија во партнерскиот живот
Кога Вашиот партнер е депресивен, Вие први ќе го забележите тоа. Дури и кога е физички присутен, можеби и се насмевнува; Вие ја чувствувате неговата „отсутност“ и недостигот на поранешната поврзаност со Вас. Се разбира, Вашиот прв инстинкт е да му помогнете.
Ќе разговарате, ќе му понудите многу идеи, предлози и замисли за тоа што тој треба да преземе, што треба да прави, што ќе му помогне да се чувствува подобро.
Тоа што често се случува е сите Ваши обиди и идеи да се залудни: депресивниот партнер или нема да ги прифати, или ќе ги прифати и спроведе само еднаш или два пати. Се разбира, по некое време на неуспешно обидување да помогнете, тоа ќе придонесе да се чувствувате немоќни, а потоа можеби и очајни, лути поради својата немоќ. Таква е депресијата: кај депресивната личност таа се манифестира со чувство на слабост и беспомошност, но во релациите таа е многу моќна. Таа ги активира најблиските кои ќе ги дадат сите свои фантастични идеи и придонеси, а потоа ќе се чувствуваат и тие самите беспомошно.
Всушност, најдобро е да преземате мали чекори. Да бидете присутни и трпеливи. Не очекувајте брзи или големи промени; некогаш е потребно време.
Набљудувајте внимателно. Покажете му на Вашиот партнер дека го сакате. Потсетете го партнерот дека не беше секогаш депресивен. Потсетете го дека повторно ќе биде добро. Понудете му да побарате стручна помош.