Постпородилниот период, како и воопшто бременоста и станувањето мајка, е момент на значајна животна промена која донесува многу преиспитувања, и интензивни емоционални одговори на таа промена, бура од мисли, доживувања. Притоа, одредени констелации на биолошки, психолошки и социјални фактори можат да донесат одредени постпородилни психолошки состојби, како постпородилна депресија.
Биолошките ризик фактори
се должат на физички, биохемиски и хормонални промени во организмот:
– Депресија или анксиозност за време на бременоста
– Лична или семејна историја на ментална болест
– Историја на промени во расположението од хормонски причини (лекови, контрацептиви, менструални тегоби)
– Тироидни проблеми. Постпартум тироидит може да се случи и кај жени кои немале претходни проблеми со тироидата,
но бременоста и породувањето го поттикнуваат проблемот. Симптомите се најчесто умор, промени во расположението, срцебиење, и понекогаш зголемена тироидна жлезда. Но исто така може да се развие и хипотироидизам, кој наликува на депресија со симптоми на ниско расположение, умор, летаргија и иритабилност.
Психолошките ризик фактори
се однесуваат на Вашата личност: како мислите, како го гледате светот, кои одбрамбени механизми ги користите, како се справувате со проблемите. – Дали се препознавате себеси како некој кој има тенденција постојано се критикува, дали тешките/непосакувани ситуации најчесто ги проценувате како ’’по своја вина’’? Дали често ги користите зборовите ’’секогаш“, и “никогаш’’ кога зборувате за себе и своето функционирање? Дали мислите и функционирате по принцип на ’’сè или ништо’’? Песимистичкиот начин на гледање на светот, себеси и/или ситуациите, може дефинитивно да води кон депресивност. Но сепак, имајте на ум: овој негативен стил на размислување е само Ваша интерпретација- која не ја рефлектира целосно самата ситуација.
– Жени со особено анксиозни и перфекционистички црти на личност, имаат умерен ризик за постпартална депресија. Дали имате тенденција често и интензивно да се грижите, дали мали промени Ве вознемируваат? Дали сте жена која инсистира сè да биде перфектно организирано и направено, и никако поинаку? Доаѓањето на бебето секако ќе го промени Вашиот живот, а високиот степен на грижа, несигурност, и барања од себе можат да бидат ризик за постпартална депресија. – Жени кои имаат историја на злоупотреба, или конфликтен однос со родителите. Бременоста и станувањето мајка, дефинитивно поттикнува теми кои се однесуваат на детството, искуствата, проблемите и релациите. Сеќавањата и стравовите можат да бидат навистина стресни во постпарталниот период.
– Бременоста и породувањето го менуваат телото. Жените кои особено се идентификуваат и се дефинираат себеси преку сликата за своето тело, се особено ранливи, загрижени за својата привлечност, со интензивни чувства на вина, и чувство на губење на контрола доколку по породувањето не се вратат веднаш на својата идеална тежина. Исто така, претходни растројства во исхраната можат да го зголемат ризикот за постпородилни проблеми.
Социјалните ризик фактори
се однесуваат на светот кој Ве опкружува, на Вашиот семеен живот, социјален живот, како следниве ситуации: – Стресни настани за време и по бременоста, како загуба на важна особа, крај на врска, загуба на работа, болест, несреќа, финансиски грижи, и слично. -Ограничена или недостиг на поддршка- од партнерот, како и недостиг на мрежа на луѓе кои ќе Ви помогнат во постпарталниот период, бидејќи е тоа особено важно. – Плачливо/болно бебе. Оваа ситуација може да донесе чувство на беспомошност, очај и истоштеност, и може да води кон постпородилна депресија. – Компликации во текот на бременоста, непосакувана бременост, адолесцентна бременост, или бременост по третмани за инфертилност, проблеми и грижи при хранењето на бебето, итн.
Она што е важно да се запомни, е дека не знаеме дефинитивно што ја причинува постпородилната депресија. Многу жени можат да имаат повеќе ризични фактори, и никогаш да не страдаат од постпородилна депресија. Други пак може да имаат само еден ризик фактор, или дури ниеден, и да се најдат во оваа состојба. Не секогаш знаеме зашто, но она што го знаеме е дека овие ризик фактори ја прават жената поранлива, и доколку таа знае дека постои овој ризик, може да преземе превентивни мерки, како на пример мобилизација на мрежа за поддршка и консултација на стручно лице.
Всушност, постојат ризични фактори кои можете да ги контролирате, и оние кои не можете. Тоа е добро, бидејќи Ви дава можност да преземете некои активности за да се погрижите за своето здравје, да побарате стручна помош и поддршка за оние кои можете да ги менувате, а да ги ублажите ефектите на оние кои не можете.