Љубовта и разочарувањата

Љубовта е еден од најзначајните мотиви за партнерска релација. Овој мотив е најчесто поврзан и со суштинската човечка потреба за блискост, поврзаност, заедништво. Сакаме да бидеме со тој кој го сакаме, да имаме партнерска релација каква што посакуваме, и тоа е едно основните очекувања кои ги носиме во себе кога сме заљубени. Кога сакаме. Се разбира, гуруата во спиритуалниот свет велат дека очекувања можеме да имаме само од себеси, бидејќи само себеси и се имаме вистински, од своето раѓање до својата смрт, целиот свој живот. Велат, очекувањата од другите луѓе ја врзуваат личноста, а врзувањето може да ја ограничи во растот и ширењето на својата свесност, во можноста да се менува, развива, да ја познава и открива својата вистина и да се потпира на своите сили.

Тоа е силна и вистинита порака. Меѓутоа, во животот кој го делиме со другите луѓе и остваруваме животни цели и задачи, тешко е вистински да бидеме слободни од очекувања.

Што се очекувањата во партнерската релација? Очекувањата се во она што сакаме да го добиеме од партнерот (и од сите други важни луѓе околу нас). Очекувањата се во нашата идеја за она што ни е потребно. Очекувањата се дел од нашиот внатрешен концепт за тоа каква сакаме да биде нашата партнерска релација. Очекување како сакаме тој/таа да изгледа, очекување како сакаме тој/таа да се однесува кон нас, очекување за начинот на заедничко функционирање, емоционално споделување, комуникација, секс, до сите очекувања кои се наши лични суштински потреби во партнерска релација. И притоа, еден од најголемите предизвици во партнерската релација се неисполнетите очекувања, односно кога не го добиваме она што ни е потребно од партнерот.

Всушност, една од најзначајните причини зашто тоа ни се случува е поради тоа што во најголем дел, ние сме несвесни за основата на нашите очекувања и за онаа вибрација која нас несвесно не спојува со нашиот партнер. Ние често сме сосема несвесни за она што вистински ни е потребно од партнерот! А таа емоција која лежи во суштината на нашето очекување е суштинска и одредува како и што ќе се развива во нашата релација. На пример, Марија посакува партнер кој е интелигентен, исклучително забавен, итар, шармантен, самоуверен и посакуван. Кој сака предизвици. И кој самиот претставува предизвик – неговиот шарм и елемент на недостижност се премногу привлечни. Тоа е она што таа го знае на свесно ниво за својот избор на парнер.

Во реалноста, партнерите со кои била во релација, се токму такви, или барем ги поседуваат повеќето од овие квалитети. Притоа, тие умеат да бидат и емоционално дистанцирани, понекогаш емоционално ладни и не успеваат секогаш одговорат на нејзините потреби. Марија постојано се инвестира себеси да ги задржи во релација која често е драматична, анксиозна и во која често се чувствува несигурна. Што всушност се случува на несвесно ниво? На несвесно ниво, Марија прави избор од позицијата на нејзината ниска самодоверба. Таа носи во себе несвесно уверување дека љубовта треба да се заслужи и да се биде вреден за љубов, и за тоа свое уверување бара надворешна потврда – во изборот на партнер.

Се разбира, во нејзиниот избор на партнер таа не одбрала некој кој ќе ја уважи нејзината вредност – туку токму оној кој ќе го потврди нејзиното суштинско несвесно уверување и нејзината ниска самодоверба; која патем само го рефлектира нејзиното себедоживување, нејзината вибрација и несвесна дефиниција за љубовта и релациите. Квалитетната партнерска релација се базира на зрелост, почит, доверба и взаемна одговорност: во неа создаваме, растеме и сме бескрајно свои и автентични, радосни. Но, таа не може да ни ја донесе целовитоста која насушно им е потребна на двајцата партнери,на индивидуално ниво. Не може да го донесе она што е нивна лична задача и одговорност кон самите себеси. Во тоа се состои пораката дека некои очекувања можеме да ги имаме само од самите себеси. Со текот на времето, проекциите и илузиите паѓаат, и нашите суштински емоции и потреби излегуваат на површина. Овие потреби можеме да ги задоволиме само самите ние, за да можеме да оствариме значајна партнерска релација. Со работата на себе, ние можеме да ги менуваме нашите суштински уверувања, и нашата дефиниција за љубов во партнерска релација. Со работата на себе, го менуваме својот избор на партнер или начин на функционирање во партнерската релација. Тогаш, можеме вистински да уживаме во партнерската релација.

Нема производи во кошничка