Јунгијанскиот аналитичар Џејмс Холис вели, „Она кое можам да го освестам, да се соочам директно со истото и да се справам како возрасен, ме ослободува од несвесната врзаност за него….Ние добиваме она што можеме од анксиозноста, која како магла, го замрачува патот нанапред.“
Многумина го нарекуваат ова време во кое живееме „време на анксиозноста“, и тоа со добра причина. Многу значајни животни аспекти – морални, егзистенцијални, брачни, економски, општествени, работни – се загрозени. Во многу ситуации луѓето се наоѓаат себеси во неизвесност– не знаат што следно да очекуваат. Денес имаме многу можности за слободен избор, но со слободата доаѓа и зголемената несигурност. Луѓето често се преиспитуваат себеси за тоа дали животот е патување кое има смисла и значење, или е само чудна и хаотична приказна.
Животот е патување. Тоа е дефинитивно така бидејќи ние сме креирани на тој начин што мораме да се движиме, односно да чекориме низ својот животен пат. Нашиот развој е во постојаното движење, кое подразбира и промена, авантура, изненадување, новини; притоа постојано освојувајќи ја и негувајќи ја својата стабилност и чувство на сигурност. Развојот е позитивен тогаш кога ја следи и истовремено ја создава нашата смисла. Сите ние имаме потреба од смисла во своето животно патување, која почива на вредности, уверувања, принципи, желби и цели. Честопати анксиозното доживување доаѓа кога смислата врз чија основа сме го граделе својот живот повеќе не е функционална. Кога се чини дека не умееме да ја видиме повеќе. Како да сме ја изгубиле: смислата или себеси. Анксиозноста се појавува кога не можеме да го следиме сопственото движење на свој автентичен начин, и тогаш животот се чини како чудна и хаотична приказна.
Колку и да делува необично, за анксиозноста е важно да се знае дека таа е неодминлив дел од животот. Ако не би имале одредена количина на немир, односно возбуда во нашиот живот, ние не би биле живи. Искусувањето одреден немир, интуитивен или пак конкретна оправдана грижа и страв, е оној дел од нас кој има за цел да нè подготви, предупреди или заштити кога тоа ни е потребно. Одредена возбуда е она кое нè оддржува будни и вклучени, радосни во животот. Она што нам ни е потребно, е тој немир и таа возбуда да бидат сосем доволни за да бидат позитивно поддржувачки за нас.
Додека секој доживува некаков немир движејќи се низ животот, оној кој доживува интензивна и ирационална анксиозност, фобија или паника, може да постане онеспособен да се движи низ животот, или може да се соочува со големи препреки во самото секојдневно функционирање. Колку е поголемо доживувањето на преплавувачка грижа и стравови, толку повеќе личноста има впечаток дека не може да ја контролира својата животна ситуација и анксиозната состојба станува потешка и непријатна.
Како се надминува анксиозната состојба?
Оној која се бори со анксиозност се среќава со тоа искуство на многу личен и индивидуален начин. Тоа е негова/нејзина анксиозност, и таа се појавува на специфичен начин за нив. Само кога тоа индивидуално значење е целосно и внимателно разбрано, индивидуата ќе може да ја надмине состојбата. Човечката психа не е исто што и еден компјутер, и важно е да разбереме дека луѓето не ги исцелуваат своите трауми или проблеми на истиот начин на кој ги поправаме машините. Не можеме да го извлечеме „расипаното делче“ и да го замениме со новo. Тоа е така најнапред поради тоа што ние немаме расипани делчиња во нашата душа, а второ поради тоа што сите наши психолошки аспекти се испреплетени и поврзани во една целина. Потребна е посветеност и подготвеност да ја видиме анксиозноста во она што таа го претставува за нас, и во нејзината функција во нашиот живот.
За вистински да се справите со анксиозноста, потребно е да се допре нејзиниот извор. Истовремено, многу важно е да се практикува соодветна секојдневна ментална хигиена, придружена со соодветни промени во животниот стил, исхрана, физичка активност. Воведувањето на подобра грижа за себе значи Ваша храброст и истрајност.
Низ процес на советување и психотерапија, анксиозноста може да се согледа во она што вистински таа претставува: не е повеќе нејасна или лебдечка, туку е реална, вистинска, има своја форма, функција и свое значење. Само тогаш, анксиозноста може да се надмине, а животот повторно да добие смисла.