Лажењето е дел од вербалната/пишана комуникација, и се случува во комуникациски процес. Најдобро прифатената дефиниција за лажењето е следната: „Личноста лаже кога кажува нешто за што знае дека е невистинито, со намера другата личност да поверува дека тој исказ е вистинит (Купфер, 1982).
Заповедта „да не се сведочи лажно“ е дел од сите религии, култури и општествени норми; лажењето е морално неприфатливо. Сепак, истражувањата покажуваат дека во реалноста тоа е нешто што нам отсекогаш ни било добро познато. Кажуваме мали (или големи) лаги на најблиските, саканите, пријателите, родителите, децата, соработниците.
Мамењето не е непознато ниту во животинскиот свет: за да се заштитат или пак за да уловат, многу животни користат различна камуфлажа. Човечката вештина да измами се развила набргу по појавата на јазикот. Всушност, способноста да се манипулира без да се користи физичка сила е придобивка на цивилизираниот човек. Тој сфатил дека може без употреба на физичка сила, која подразбира повреда и евентуална казна; да ги оствари своите потреби и цели. Парадоксално, нашиот капацитет за неискреност е толку базичен за нас колку што е и нашата потреба да им веруваме на другите луѓе.
“Вистината доаѓа лесно и природно, но за лагата е потребен напор и остар, флексибилен ум“, вели Бруно Вершуер. Лажењето е дел од развојниот процес. Децата учат да лажат на возраст помеѓу 2 и 5 години, бидејќи тогаш ја тестираат и развиваат својата независност.
„Маја, дали зема од колачињата?!“
„Не“.
Истражувањата покажуваат дека статистички, најмногу лаги во текот на еден ден кажуваат адолесцентите, на возраст помеѓу 13 и 17 години.
Лагата ја учиме и кога сме поканети на лага. Овој феномен, често присутен во нашите релации, е мошне необичен. Како воопшто можеме да поканиме некого да нè излаже, или пак да бидеме поканети да излажеме? Всушност, кога сме нешто запрашани, ние брзо и лесно стануваме свесни за тоа кој одговор е посакуван од нас, а кој е непосакуван и недобредојден одговор кој можеби ќе ги налути или растажи другите. Тоа го учиме од искуството со блиските и подоцна проценуваме според погледот, тонот, гласот. Знаеме кој одговор ќе ги израдува или смири другите, родителите, партнерот, колегите. И едноставно- ја кажуваме посакуваната лага.
Некои луѓе се вешти во лажењето; тие лесно, уверливо и интелигентно лажат. Додека пак некои луѓе се помалку вешти и несигурни во лажењето, и лесно луѓето ги проценуваат нивните искази како „измислени приказни“. Кога некој лаже, неговото лице содржи две пораки – онаа која сака да ја претстави и онаа која сака да ја сокрие.
Мотивите за лага можат да се поделат во 4 групи:
А- За лична заштита
– Да се покрие грешка или неприфатливо/недозволено дело, да се избегне казна, критика или срам
– Да се избегнат луѓе или непосакувани ситуации, да се зачува приватноста и личниот комфор
„Сакаш да дојдеш на вечера?“
„Имам планови со семејството“.
Б- За себе-промоција
– За економска, финансиска добивка
-За личен бенефит (позиција/статус, да заведе/освои, или друга лична цел)
-За да се презентира позитивна слика за себеси, да се добие прифаќање, одобрување или воодушевување од другите
– За да се засмеат другите
„Колкаво е Вашето работно искуство?“, „5 години“.
В- За да се изврши влијание
– Лажење со малициозни намери (одмазда, да се доведе другиот во заблуда, да се контролира другиот, да се наведе другиот на нешто)
– Лажење за да се задржат одредени социјални улоги, статус и позиција
– Лажење со алтруистички намери (да се помогне или заштити некој друг)
Г- Патолошко лажење, кое е во сферата на психопатологијата.
Истражувањата покажуваат дека ние имаме тенденција да веруваме во некои лаги, дури и кога постојат јасни аргументи против нив. Често пати, не се другите тие кои ги лажеме – туку самите себеси. Мотивите за себе-лажењето потекнуваат од нашата потреба да се заштитиме и да избегнеме болка. Всушност, онаа вистина која ја посакуваме и која ни годи, е единствената „вистина“ која ја прифаќаме.
Во нашите важни релации, лагата може да биде соопштена незлонамерно, а сепак да делува разорно на личноста која ја открива истата. Кога лагата доаѓа од луѓето со кои го делиме животот и на кои имаме потреба да им веруваме, таа делува трауматично и болно доколку станува збор за нешто кое ни е суштински важно и вредно во тој однос. Тие лаги ја повредуваат нашата самодоверба, довербата во другиот, како и нашата слика за нас и нашата релација. Лагата придонесува да се посомневаме не само во сегашната ситуација, но и во заедничкото минато: „Дали вистински го познавам овој човек? Дали сè што сме имале досега можеби беше лага? Дали можам да му верувам?“
Нашите лаги можат да бидат мали и (навидум) безопасни, како и опасни и малигни. Особено денес, технологијата и социјалните мрежи ни отворија нова врата кон тој прастар конфликт помеѓу лагата и вистината, помеѓу бајката и реалноста. Вистината е многу често затрупана од поубави лаги (кога вистината е непријатна) или пак од застрашувачки лаги (кога вистината не одговара на замислената цел и намера). Во таа смисла, важно е свесно и храбро да посветиме внимание на негување на комуникација со активно и свесно слушање, внимание и почит; како и внимателно да одбираме кому и што веруваме.