Психолошката анализа на соништа е авантура која води кон себе, кон себеостварување. Оние кои ќе ја започнат оваа авантура, влегуваат во кралство од бои, звуци, слики, ликови, настани, доживувања… цела една бајковита драма. Точната анализа на оваа драма може да ви помогне на многу различни начини, да ја зајакнете самосвесноста, самодовербата, разбирањето на своите вистински пориви, да откривате свои лични аспекти. На пример, да ја почувствувате и освестите својата сила, потенцијали, креативност, сексуалност, одлучност, и многу други значајни аспекти.
Притоа, ние знаеме дека авантурата кон себе е осамена авантура: како и во секој добар херојски филм, херојот најчесто страда на патот кон победата. Ако сме ние хероите во својот личен животен филм, добро знаеме дека многу успеси, радости, постигнувања биле придружени со тага, предизвици, стравови, тешкотии. Личниот развој подразбира да погледнеме во себе, и да се соочиме со сопствените недоумици, стравови, болка, страдање. Истото важи и за нашите соништа: некогаш тие не наведуваат да се соочиме со некои аспекти на својот живот за кои не сме расположени, бидејќи се недоволно развиени, болни, или исполнети со тешки емоции. Тоа е една од причините поради која луѓето не им обрнуваат внимание на своите соништа, или брзаат да ги заборават. Меѓутоа, доколку решите да погледнете во своите соништа, ќе увидите дека и она што може да се чини болно, дека делува лековито и ослободувачки.
Ова се некои теми кои можеби Ве блокираат за да се одлучите да работите на своите соништа. Да се обидеме една по една да ги демистифицираме:
1. Во соништата се појавуваат тажни и страшни ситуации кои ме загрижуваат.
Тагата и стравовите се дел од нашиот живот и реалност, затоа е добро да бидеме свесни за нив. Нивната улога е токму во тоа да низ нивното разрешување растеме, постануваме посвесни и подобро функционираме во светот и со себеси. Работата со тешките чувства е болен и напорен процес, но ако истраеме тоа доведува до надминување на стравовите и тагата. Така постануваме слободни од нив и отворени за среќа и радост на живеењето. Можете да го разберете ова на поинаков начин и да афирмирате: Низ работата на соништата јас ги разрешувам моите стравови и тага.
2. Ако се соочам со содржината на своите соништа, можеби ќе морам да се променам себеси и својот живот.
Секој нов ден во нашиот живот бара развој и промена. Ни се случуваат нови ситуации, сознаваме нови нешта, нови луѓе ни се обраќаат и влијаат на нас – позитивно или негативно. Научниците велат, во космосот единствено нешто постојано е промената. Сакале ние да го видиме тоа или не, по наша волја или не, ние секако пливаме во незапирливата вода на животната река на промените. Работејќи на своите соништа преку психолошка анализа, си давате можност да увидите во кои области Вашето себство/Вашето повисоко јас Ви предложува промени со цел Ваш понатамошен личен развој. Некои од промените лесно ќе ги прифатите, додека за некои други ќе почувствувате силен отпор. Почитувајте се себеси, чекорете со брзина која во моментов најмногу Ви одговара, но останете отворени за упатствата и советите од сонот. Имајте предвид дека Вашето себство/повисоко јас неизмерно Ве сака, има многу трпение за Вас, па доколку некој предлог не можете да го прифатите, тоа ќе го прилагоди на Вашата сегашна сила и можности. Во овој контекст, можете да афирмирате: Ја прифаќам промената како животен закон и влегувам во неа внимателно, со одмерени чекори.
3. Не можам да прифатам да некои болни, перверзни, сексуални, агресивни нешта во соништата имаат врска со мене.
Имајте предвид јазикот со кој ни зборуваат соништата е симболички и метафоричен, анализата може да Ве упати во сосема поинаква насока отколку што Вам Ви се чини. На пример, она што е експлицитно сексуална содржина, може да упатува на одредена нова енергија која извира од Вас, можеби потребата за поврзаност. Сексуалноста е силен, живототворен инстинкт и сонот можеби Ве повикува да делувате и да ја манифестирате таа своја нова енергија. Елем, дури и доколку соништата упатуваат на Ваши аспекти со кои радо не би се соочиле, имајте предвид дека ние не сме ниту лоши, ниту добри. Ние сме целовити. Имаме своја темна и светла страна, инстинктивна и хумана, дарежлива и себична. Доколку ги затвориме внатрешните демони, тие нема да престанат да постојат, туку ќе станат посилни, пострашни, подиви, понепредвидливи. Единствениот начин да ги припитомиме е да се соочиме со нив, да ги извадиме на светлина, да ги погледнеме, препознаеме и низ контактот и работата со нив да ги разбереме. Во овој контекст, можете да афирмирате: Ја прифаќам потполноста на животот и затоа барам да се сетам на сè.
4. Премногу сум уморен/уморна кога ќе легнам, покрај сите обврски кои утре ме чекаат. Немам сила/време да обрнам внимание на соништата и да ги запишам.
На сите обврски кои Ве чекаат, на секојдневниот стрес, зашто би си натовариле уште една обврска, која можеби Ви се чини непрактична? Бидејќи тоа е патот кој ќе Ви помогне да бидете свесни за својата сила, приоритети и начини за ефикасно решавање на проблемите, остварување на целите, во склад со Вашата посебност и единственост. Работата на соништата нема да ви одземе енергија, туку напротив ќе Ви донесе енергија за секојдневните ситуации, добра фокусираност и многубројни решенија. Ќе ве зајакне и збогати. Пробајте и ќе се уверите. Во овој контекст, можете да афирмирате: Работата на соништата ми дава енергија, увиди, насоки, совети и решенија на проблеми.