Еден од најголемите проблеми со кои се сретнуваат луѓето кои би сакале да ги анализираат своите соништа, е нивното заборавање. Во моментот на будење тие се свесни за сонуваната содржина но тоа сеќавање брзо „испарува“, оставајќи го сонувачот со непријатно чувство на лишеност и залудни обиди да се присети. Наместо тоа, останува само впечатокот за тоа дали сонот е пријатен или непријатен и евентуално, само едно претчуство за приказната во сонот. Поради тоа, потребно е однапред да се подготвите за да го запомните сонот.
Можете да водите дневник на соништа, односно да имате тетратка и пенкало кои ќе се наоѓаат секогаш покрај вас. Веднаш по будењето, додека содржината на сонот е сеуште релативно целовита, добро е веднаш да се запише, без многу размислувања и анализирања на сонот. Некои симболи/слики во сонот може и да се нацртаат, ако тоа е полесно за вас, бидејќи и тоа е начин сонот да се запомни.
Исто така, доколку брзате и не сте во можност ништо да запишете, тогаш прераскажете си го сонот неколку пати. Тоа е можност истиот да се задржи подолго време во вашата меморија, додека не најдете време за да го запишете во вашиот дневник.
Многу нешта влијаат на можноста да ги запомниме соништата и да ги ползуваме нивните пораки. Неколку препораки во врска со тоа:
– Дозволете си квалитетно спиење, односно онолку часа колку што ви е потребно за физичка, ментална и емоционална регенерација
– Опуштете ги сите мисли кога легнувате. Дозволете си лесно и неоптоварено да потонете во сон. Сè што треба да направите, одлучите, разрешите, ќе го сторите утре. Сега е време за спиење.
– Дозволете си да изградите убава релација со вашето несвесно. Обрнете внимание на вашите соништа, без разлика дали се убави или кошмари. Сите тие ви носат значајни подароци.