Психолошко Катче е за сите Вас кои имате порив за личен раст и развој, потреба за психолошка помош и поддршка, психолошко советување и психотерапија. Човекот се раѓа со природен потенцијал да постигне целовитост, автентичност и извонредност. Низ таа река на животот создаваме и доживуваме животни искуства, се среќаваме со радости, успеси, предизвици и кризи. Животот е таков: со мноштво убавини и сивила, победи и порази, задоволства и непријатности. И токму низ тие тешкотии, ние всушност можеме да растеме и да ја освојуваме извонредноста.
Низ оваа станица, можете да најдете мноштво теми за кои можете да читате, како и мноштво настани. Настаните се однесуваат на тематски искуствени работилници и психоедукација, каде што дискутираме, се информираме, истражуваме и низ конкретни техники, искуствено разрешуваме конкретни предизвици. Темите за кои ќе читате овде,се однесуваат на типичните психолошки и животни предизвици со кои се соочуваме низ животот. Секој еден од нас е посебна и единствена личност, и поради тоа, секое наше искуство е индивидуално. Притоа, предизвиците со кои се соочуваме, се слични, и поради тоа можете да се препознаете во многу од нив. Се надевам дека читајќи ги темите, ќе добиете идеја, инспирација или поттик да ги разрешувате Вашите предизвици, на нов и креативен начин. Целта на текстовите е токму таа: да Ви понуди информации и идеи, базирани на психолошките истражувања и знаења, како и искуството во работа со луѓето на нивниот личен раст и развој.
Се разбира, често пати не умееме и не знаеме како да разрешиме некој наш предизвик или проблем: и тогаш можете да побарате стручна поддршка во форма на индивидуално психолошко советување, семејно советување, психотерапија, работа на себе во група.
Работата на себе е значајна дури и кога немате горлив животен предизвик или проблем: доволно е да сакате да се спознавате себеси, да ја развивате својата свесност, да учите нови животни вештини, се со цел да го збогатите Вашиот живот и да живеете радосно и слободно.
Низ овие страници, за момент ќе се сретнеме јас и Вие. На таа средба, јас имам задоволство да Ви понудам идеи, информации и стручни знаења. Вие пак, можете да го пронајдете и добиете токму она што во овој момент Ви е потребно.