Паѓање

  • Home


„Јас сум на сртот на една огромна планина. Чекорам со девојка покрај планинскиот обвив, околу камениот обод на планината. Не ја познавам девојката. Двајца мажи, со огромна градба, скокнуваат кон нас од некаде и ме напаѓаат. Се бориме некое време, и не можам да се одбранам од нив, ме совладуваат и ме фрлаат кон провалијата. Имав чувство дека е готово за мене. Таму долу имаше зимзелено дрво-елка, врз кое паднав и се заплеткав. Дрвото ми го спаси животот“. Мартин

Мартин е 31 годишен дечко, со мило лице, долга коса и уметнички пориви. Сака да биде сликар, иако тоа е само желба, порив, фантазија за него. До периодот кога го сонува овој сон, ги нема остварено овие пориви во реалноста. Никогаш не работел а живее од скромниот џепарлак кој му го дава неговата мајка. Секојдневните човечки рутини, одењето на забота, плаќањето сметки, одговорноста во меѓучовечките релации – се непознати за него. Неговите љубовни релации се сведуваат на површна поврзаност и физичка, сексуална релација кои не траат повеќе од еден ден до две-три недели. Идејата да се биде емоционално поврзан со девојка, како и да се има одредена посветеност и обврска кон неа – е сосема непозната и чудна за него. Често патува, иако само во рамките на својата земја- од некоја причина, се плаши од преминување на границите на својата земја. Се плаши од ноќта и темнината. Се плаши од полицијата, иако никогаш во својот живот не бил во конфликт со законот.

Планината во овој сон го симболизира неговото живеење во височините, во фантазијата. Планинскиот обод и чекорењето по него на врвот од планината укажува на тоа дека каде и да се упати, мора да оди надолу. Не може повисоко. Во конкретната животна ситуација во која Мартин се наоѓа, тој или ќе остане заглавен во своите фантазии, или ќе се симне надолу.

Двајцата мажи кои го напаѓаат, ја симболизираат неговата сенка, која се чини дека е појачана бидејќи има двојна форма и се приближува кон неговата свесност. Неговата сенка ја чинат двајца големи мажи, со боречки склоности, кои го напаѓаат. Тие се сосема спротивни од тоа што е Мартин – тие ја означуваат неговата отсечена машкост, спонтаноста, инстинктивната машкост и животната иницијативност која Мартин ја отфрлил од себе во својата поврзаност, односно зависност од својата мајка. Неговата сенка го напаѓа бидејќи тој не го уважува овој аспект на својата природа, живее во својата анксиозност и стравови. Ништо од неговата машка природа не интегрирал во себе, и сега тој негов аспект го напаѓа.

Сонот може да се развива во два правци и може да укажува на одредена опасност за Мартин – ако не се симнеш од светот на фантазијата, животните околности може да постанат опасни за тебе и да настрадаш, на било кон начин.

Но, елката го спасува. Дрвото е симбол на животот, нешто кое има корени, нешто кое расте, нешто кое е поврзано со земјата и има свое место на земјата, поврзано со сите земски нешта: обврските, одговорностите, посветеноста. Мартин генерално во своето живеење одбива да биде присутен во сегашноста, да се бори за својот живот, притоа одбивајќи да се обиде да биде поврзан со некоја девојка/жена. Тој е секогаш во своите мисли, фантазии. Дрвото кое е вкоренето исто така ја симболизира врзаноста во човечките релации, имањето деца, создавањето на семејство. Фактот што тој не ја познава девојката со која е на планината, зборува за тоа дека тој не ја познава ни својата женска страна, својот женски аспект. Истовремено, отсекувајќи ја својата спонтаност и иницијативност, тој ја отсекува и спремноста да биде поврзан – девојката чекори со него на планината, непозната за него, во неговите височини, односно неговите фантазии. Елката исто така му укажува на тоа дека тој може да го исцели својот живот ако одлучи да биде присутен во него, а притоа и да се откаже од својата слобода. Бидејќи дрвото е фиксирано со своите корени. Меѓутоа, тој реално нема да се откаже од својата слобода, туку само од своето живеење во нереалноста – дрвото расте и ги пружа своите гранки во вистинската слобода, притоа бивајќи стабилно и цврсто во реалноста.

Пораката на сонот е следната: Твојата неизразена машка енергија (физичка сила, животна сила, спонтаност, иницијативност) те напаѓа бидејќи не ја гледаш и препознаваш. Тој напад може да биде опасен за тебе, да те воведе во опасна ситуација, „да паднеш“. За среќа, имаш можност да го надминеш тоа – доколку бидеш присутен во својот живот, во својата реалност, колку се зафатиш практично со одредени животни задачи како вистинска партнерска релација, работа и заработување.

Нема производи во кошничка