Бесилка
- Home
”Мојот бивш дечко доаѓа кај мене на работа, на систематски преглед. Јас се однесувам како да ми е клиент, дури и го персирам. Излегува од кај мене, оди кај докторката да се прегледа и јас и’ се јавувам и и’ викам, ‘’Мојот дечко ќе дојде кај тебе да се прегледа’’. По некое време се враќа тој кај мене во канцеларија, почнува да ме гушка и бакнува. Потоа ја гледам мајка ми, облечена во бањарка, со намера да се беси. И велам, “Мамо што правиш?”. Таа ми одговара, ‘’Не можам веќе, сакам да се обесам’’. Толку се вознемирив и почнав да ја тепам, велејќи, ‘’Како ќе се бесиш, ти беше толку јака и сега ми покажуваш слабост ! Нема да се обесиш, ќе живееш и готово!’’ Таа се насмеа, ми рече “Не се грижи, не се бесам и ќе продолжам да бидам јака“. Елена, 31
Во моментот кога го сонува овој сон, Елена преболува раскинување на 14 годишна врска, и тој процес е вистински долг и тежок за неа, особено бидејќи дава сè од себе за да го врати. Овој сон доаѓа една година после раскинувањето, во која таа се преиспитува себеси, својата врска, прави промени кај себе, прави компромиси со себе, нејзината емоционалност живнува. Во првата сцена, Елена го донесува овој проблем во своето работно опкружување: нејзиниот бивши дечко е нејзин клиент, кого таа го персира. На психолошки план, оваа сцена посочува дека Елена веќе започнува да поставува емоционална дистанца од него. Првата сцена е вовед во темата на сонот, или проблемот за кој сонот сака да упати порака : партнерските релации.
Во втората сцена, гледаме што всушност е проблем во нејзините партнерски релации, претставен преку нејзината мајка: Елена ја опишува својата мајка како ладна рационална жена во партнерските релации, која не покажува емоции, и која смета дека жената треба да се труди и грижи за домот и децата, но не за партнерот. Токму тоа Елена го посочува како свој проблем во поранешната врска, каде таа повеќе се посветувала на пријателите отколку на партнерот. Во овој момент сега, мајка и се подготвува да се обеси, односно Елена симболички саможртвува некои свои верувања и вредности. Всушност,сцената упатува токму на саможртвувањето на таа рационалност во партнерските односи, која ја дели со мајка и. Тоа е значајна промена за Елена. Истовремено, сонот укажува колку е тоа тешко за Елена, и на кој начин: губењето на рационалноста (односно, губењето на емоционалната дистанца) во партнерските релации за Елена претставува знак на слабост. Нејзината вознемиреност кога ја гледа својата мајка со намера да се беси, претставува нејзината вознемиреност од промената на сопствените верувања и однесување. Елена се бунтува против таа промена, скоро доживувајќи ја како своја смрт, односно смрт на еден аспект од својот идентитет и самодоживување. Крајот на сонот, кога мајка и се насмевнува и вели дека нема да се обеси и ќе продолжи да живее, упатува на две можности: Елена ќе ја прифати својата промена без да ја доживува како своја слабост, или пак ќе се откаже од истата и ќе функционира со старите обрасци.
Аналитичар
Ивана Станковска, психолог